Драги членови и пријатели,
Со задоволство Ве покануваме на литературно читање со писателот Јонас Лишер и неговото дело „Пролет на варварите“.
Во соработка со издавачката куќа Артконект, а поддржано од Гете Институт, Друштвото за македонско-германско пријателство и соработка и швајцарската фондација Прохелвеција ќе се организираат три читања во Скопје, Битола и Охрид во следниве термини:
12 септември Галерија „Магаза“ Битола
13 септември Дом на културата Охрид
15 септември КСП Центар Јадро Скопје
Почеток 20 часот
Влез слободен
Јонас Лишер, роден во 1976 година, е еден од најеминентните имиња на современата германскојазична книжевност. Неговата дебитантска книга „Пролет на варварите“ (2013) се смета за една од општествено најрелевантните текстови на современата европска книжевност и беше номинирана како за Германската така и за Швајцарската книжевна награда за роман на годината. Со роман „Крафт“ од 2018 година, Лишер ја освои Швајцарската книжевна награда, а оваа година е добитник и на престижната Макс Фриш награда на градот Цирих. Покрај белетристика, Лишер пишува и есеи фокусирајќи се на теми околу популизмот, неолиберализмот, демократијата и миграцијата.
Во „Пролет на варварите“, швајцарскиот писател Јонас Лишер ни прикажува една фиктивна приказна за кризата во 2008 година која е сместена, ни помалку ни повеќе, на милионерска свадбена прослава во луксузен ресорт во Тунис. Токму во овој ресорт, на своето службено патување престојува швајцарскиот претприемач Прајзинг кој има прилика да го запознае свадбеното друштво на лондонски банкари и бизнисмени и да го посведочи нивниот пад во варварство по прогласот на државниот банкрот. Но, како доаѓа до сето тоа? Кој е одговорен, а кој е засегнат од ужасниот настан наречен финансиски крах? Во склоп на три литературни читања во Битола, Охрид и Скопје, овој септември ќе разговараме со авторот околу овие прашања и ќе се обидеме да ги истражиме можните одговори од перспектива на книжевноста.
Разговорот ќе го води преведувачката на книгата Катерина Шекутковска, а за симултаниот превод ќе се погрижи проф. д-р Емина Авдиќ.