На 17.8.2011 година, во рамките на Охридско лето, во црквата Света Софија настапи Алијаж квинтетот и на оваа необична и чудесна сцена ја маѓепса публиката со извонредни дела, меѓу кои „Шехерезада“ од Римски-Корсаков, „Оревокршачка“ од Чајковски и „Танцот на сабјите“ од Хачатуријан.
Покрај Јанг Јун Бае, на клавир, настапија четворица талентирани музичари на саксофони со различни регистри: Даниел Готје на сопран саксофон, Ева Бартас на алт саксофон, Корјун Асатријан на тенор саксофон и Себастиан Потмаер на баритон саксофон.
Репертоарот што го презентираа музичарите, во ваква единствена комбинација, ја внесе публиката во светот на патетичните руски и ориентални звуци од познати композитори.