Печати

Литературно читање и разговор со писателот Бенјамин Штајн

Benjamin-Stein-Die-LeinwandВо петок, 5-ти април 2013 година во 20:00 часот во ГЕМ клубот (Стара чаршија) ќе се одржи литературно читање и разговор со германскиот писател Бенјамин Штајн, кои се воедно и промоција на македонското издание на романот „Платно“. Настанот е организиран од Друштвото за македонско - германско пријателство, издавачката куќа Блесок и преведувачката Елизабета Линднер, а поддржан е од Гете Институтот во Скопје и литературната мрежа ТРАДУКИ.

Бенјамин Штајн е роден 1970 година во Источен Берлин под друго име. Од 1982 година објавува поезија и куса проза. Од 1995 година работи како новинар, кореспондент и советник за информатичка технологија. Од 2006 до 2008 е коиздавач на литературното списание spa_'tien', а од 2008 година сопственик на издавачката куќа Edition Neue Moderne. Редовно пишува на својот литературен веб-блог Turmsegler. Бенјамин Штајн живее и работи во Минхен. До сега ги објавил следните дела: „Азбуката наЈуда Лива“ (роман, 1995), „Поинакво сино“ (проза за седум гласови, роман, 2008), „Платно“ (роман во две приказни, C.H. Beck, 2010) , „Replay“ (роман, C.H. Beck, 2012).


Романот „Платно“ од Бенјамин Штајн во Германија беше објавен во 2010 година, а во 2011 г. излезе кај Блесок, во превод од германски на Елизабета Линднер, и со поддршка од литературната мрежа Традуки. Македонскиот превод е прв превод на овој роман, кој веќе излезе на неколку јазици и сѐ уште активно се преведува. „Платно“ е извонреден роман од повеќе причини: не само заради симболиката содржана во фактот дека книгата нема опачина, туку две лица, а со тоа и можност да почне да се чита од која било страна, или, пак, после секое поглавје да се чита наизменично од другата страна; не само заради тоа што приказните како симболично, така и реално се судруваат во средината, туку и заради неговата комплексност, тематика и стил. Во двете слоевити приказни на протагонистите Јан Векслер и Амнон Зихрони романот се занимава со идентитетот и сеќавањето низ призмата на еврејската култура и религија, а воедно плени со својот убав, лесен и живописен јазичен и литературен стил. Со тоа оваа книга заслужно доби одлични рецензии во сите водечки германски весници и списанија, а за него авторот ги доби литературните награди Тукан и Наградата за поддршка на писатели од Министерството за наука, истражување и уметност на Баварија.

Освен за овој роман накратко ќе стане збор и за модерната (не)утопистичка приказна од последниот роман на Штајн „Replay“, во која протагонистот Ед Роузен го развива и на себе го испробува имплантираниот чип од фирмата „UniCom“. Чипот му овозможува меморирање и бескрајно повторување на сеќавањата што го доведува во нова реалност,но и бескрајна транспарентност, а со тоа и ранливост односно контрола врз личноста од страна на фирмата. Иднина која преку технологијата социјалните мрежи е на дофат на рака.

Број на гледања на артикли
84069

Имаме присутни 29 гости и нема членови